Сабајлето ми се состоеше од следниве активности:
Се разбудив, и по цела должина на ногата осетив Мише, истегнато и многу заспано, што природно предизвика агресија со гушкање и бацување – чин што мачето воопшто не го воодушеви, напротив, прво ме гризеше, ме клоцаше и успеа да рипне од кревет, револтиран дека му е уништен сонот. Некое време покасно станав и јас и го начекав како мирно ужива на сред правоаголник од сонце што влегуваше преку прозор, па во обид да му се извинам (со истиот близок контакт) заработив нокт по должина на показалец, од која што причина сега куцам со отсуство на показалецот.
Пиев кафе со клипови од Брижит Бардо на Јутуб.
Решив дека сакам шишки како на Брижит Бардо.
Отворив туторијал за завеса-шишки.
Исеков.
Овие активности би требало да доаѓаат (и доаѓаат) со предупредување don’t do this at home, ама што? Ќе заебам нешто, па демек, како ќе искочам надвор?
Нема да искочам, карантин, први мај.
Плус, ич не ми сметаат, напротив. Мала победа за денес – контрола над принудното одземање на опции кои онака ги користам еднаш на неколку години.
Доручкував (Ручав? Еден беше.) наведната над кујна и со средниот прст скролав по интернет (показалецот нели, повреден). Налетав на текст, со наслов I Can’t Wait To Have Side Conversations Again, од еден инспиративен блог – не со инспиративни цитати, туку моден блог чиј слоган е дека модата не го поништува женскиот интелект.
Таму, авторката со жар на медицинска сестра што го чека своето воено лице од фронт, се сеќава на феноменот – side conversations, сега луксуз што се криумчари во време на корона. Знам што ќе збори, ама ми се јави заспана професионална деформација од времето кога преведував – како ќе го преведам side conversation? Како „страничен“, врати дипломата, ми вика пензионираната преведувачка во глава. Како „второстепен“, кој те пушти да дипломираш?
Спореден!
Добро решение за превод е како огномет на темно небо. Осветлува, на кратко прави ден, и после е пак сѐ исто.
Сега седам и куцам со новите уради-сам шишки.
Интересно е како едни шишки можат да те натераат да се исфарбаш и да ја измиеш косата. На фарбана, модро-лиљакова, едното бело влакно повеќе се познава.

Имам уште 4 епизоди од серијата со која што сум опседната цела недела и не знам после што ќе правам. Веројатно ќе најдам француска, за да учам, кога сум веќе во карантин.
Назад на споредните разговори како луксуз. Сака да каже дека во мирнодопски услови, кога не се туфкаш дали да ја искористиш понудата на Визер за купување карти со доплата од само едно евро за промена на датум затоа што не знаеш до кога ќе трае ова, се среќаваш со луѓе, јадеш, пиеш, дискутираш, а на основниот разговор му се провлекуваат еден куп теми како вкусови, мемиња, мајки, спомени, шали и слично. Нешто што недостатокот на социјални констелации сега не го дозволува баш во таа несвесна форма.
Сепак, може. Ако сакаш со некој да ја споделиш серијата што ја гледаш, има еден момент на гледање заедно, секој од дома. Местиш на точна минута и пишуваш на Вибер – „може?“ Може. Така сте до исто место (за мочање, одење по благо и вода пишуваш предупредувачко ПАУЗА!) и кога некој ќе прати емоџи како реакција на нешто што се случува во епизодата, одма знаеш за што е.
Можеш да си направиш кафе и да влезеш во видео повик, каде што другарка ти му чита на бебето приказна и да се мешаш во приказната, да бараш да ги видиш сликите и да отвориш еден сосема непланиран разговор за илустрациите на сликовниците од истиот серијал.
Така што, споредни разговори, живот и заедно има, само треба луѓето да ги имаш.
И мачките.
И ножиците за шишки (кои истовремено се и ножици од кујна).
One response to “Карантин, шишки и споредни разговори”
[…] via Карантин, шишки и споредни разговори — Jana Misho […]
LikeLike