, , , ,

Анаис од Монмартр, chapter two.

tumblr_nvfz0iKrVw1qzcq51o1_540
annstreetstudio.com

Во „Убер“ од „Шарл де Гол“ до Париз размислував дали беше добра идејата да го изненадувам татко ми. Го немав видено две години. Нашиот однос беше супер, ама не „не можам да не те чујам еден ден” супер. Повеќе беше „не можам да поминам период од три до шест месеци без да те чујам” супер. А сепак, сметав дека имам среќа. Кога беше присутен беше прекрасен татко, а беше цело време присутен во првите осум години од мојот живот и ме научи сè што знаев за уметност и музика и светот. Ме натера и да се вљубам во патување, но никако не ме научи како него да паѓам во несвест по песочни плажи и море.

Во неговото еднособно студио на Монмартр, каде што живеевме, бев најсреќна на свет и не сакав да трчам по тесните угорници, да се мавам во туристи како другите деца. Не, наместо тоа, имав едно ќоше што го уредивме заедно, со светилки за елка, едно ќебе на подот што тој го имаше донесено од Мароко, перничиња и мал телевизор со видео. Гледав филмови со денови. А ако мајка ми беше на пат, мојот генијален татко забораваше дека сум таму и дека треба да одам во школо. Готови вафли од супермаркет ми беа ручек, а кафето ми стана дел од животот некаде околу мојот деветти роденден. Никогаш немав потреба да го потсетам за школо, и додека не му се јавеа, не го ни споменуваше тоа. Секогаш ми велеше, школото е за луѓе кои не знаат ништо, а ти знаеш сè, Анаис. А потоа излегуваше и ме оставаше на нашата театарска сцена од недовршени слики, во мојата мароканска тврдина, со Џин Кели.

tumblr_nxiix4y34w1u9bktno1_500
source.

И јас бев среќна.

Мајка ми, се разбира имаше посебна дарба да им пречи на луѓето во нивните мирни животи и ситни задоволства и од некоја причина не се согласуваше дека школото е за луѓе кои не знаат ништо. По последната голема караница, ме спакува и ме качи на авион за Лондон, што ми стана дом во следните деветнаесет години, ако ги изоставам летните и зимските одмори во Франција, но дури и тие беа поретки. Така од лета во Корзика, станаа лета во Блекпул, а од француските се префрлив на швајцарските Алпи, затоа што мајка ми беше кратко мажена за еден швајцарски банкар. Сè на сè, животот со мајка ми беше во ред, осиромашен од едноставни задоволства, а богат со притисок.

Неколку часови подоцна стоев пред прекрасната зграда каде што живееше татко ми, а живееше таму откако ги наследи најпосакуваните примери на недвижен имот во Градот на светлината. Памук беше сè уште мамурен од летот, но мене ми беше силен сојузник и поддршка во целата мисија што си ја зададов. Мислам дека не беше свесен за тоа.

Лифтот беше стар и шармантен, а јас бев благодарна што возењето траеше долго, за да имам време да се спремам. Кој ќе отвори врата? Дали беше воопшто дома? Или имаше уште некоја дванаесетгодишна невеста со него внатре?

Ја избркав мајка ми од глава и секунди откако заѕвонев на вратата, ме поздрави вообичаената светлост што татко ми секогаш ја имаше во неговите станови. Возбудата што ја почувствував брзо беше заменета со блага збунетост, пред жената која ја отвори вратата. Дотерана жена, веројатно над четирисетгодишна, со средена, модро офарбана коса се обидуваше да намести насмевка за да ја скрие сопствената збунетост. Носеше црвено сако и класични црни панталони, држеше планер во раката украсена со „Картие“ и со сето тоа совршено се совпаѓаше во сликата што татко ми ја имаше за како тоа треба да изгледа еден достоен агент за недвижности или дизајнер на ентериер, па одлучив дека веројатно беше тоа. Не би можел да биде којзнае колку променет.

– О. Која беше ти? прашав опуштено, влечејќи ги куферите покрај неа и застанувајќи во претсобјето. Беше премногу шокирана од тоа, како за вработена, но веројатно, кај и да е, ќе ù текнеше дека сум фамилија?
–  Молам? изгледаше навредено.–  Тука ли е Етиен? го побарав татко ми, без да се потресам околу нејзината реакција.

– Извинете, која сте Вие и зошто сте веќе внатре? праша таа, овој пат видливо изнервирана.
– А, извини, сфатив зошто е збунета. Јас сум му ќерка, ти си веројатно нова, додадов. Ги ококори очите на последниот коментар. Која беше ти, значи? прашав повторно, надевајќи се дека конечно ќе дознаам дали е агент, асистент или неочекувано средена и богата куќна помошничка.
– Јас, нагласи таа, сум Беатрис. Свршеницата на Етиен. Мило ми е… што конечно те запознав, заврши со мала непријатност во гласот.

Ех, почнав наопаку со новата жена на татко ми. И нема дванаесет години.

– Етиен не кажа дека ќе доаѓаш, рече со интонација што јасно навестуваше дека Етиен ќе има проблем подоцна.
– Па, не знае, појаснив јас. Ти овде живееш?
– Да, да, овде, одговори со занесување.
– Во тој случај, се извинувам што се наметнувам вака, пробав да измазнам. Но, би било супер да се запознаеме подобро, тогаш се воодушевив колку искрено ми прозвучи присилената пристојност. Обично не се заморував со тоа, ама оваа ми изгледаше посериозна од другите. И можеби имаше и некаква врска фактот што јасно ù гледав омраза во очите? Којзнае.

– Ќе одам во мојата соба и ќе се туширам, реков и го повлеков помалиот куфер и транспортерот на Памук по скалите.
– Во… твојата? Со црно-белиот тапет? праша таа.
– Да.
– Да, тоа не е спална соба веќе, рече таа, неспособна да го скрие задоволството од нејзината прва мала победа. Тоа е сега мојата работна соба. И во тој момент ми покажа два реда перфектно наредени, избелени заби во една упс насмевка.

Требаше да ми текне. Ниедна друга не се осмелуваше да се мафта со мојата соба, но на оваа ù беше дозволено, што значеше дека овој пат е сериозно. Па, ако е среќен…

– Добро, тогаш, прифатив мирно. Можеш да ми покажеш нешто што го викаш гостинска спална?

– Дојди со мене, рече и самоуверено го поведе патот низ станот што го познавав многу подобро од неа, затоа што неброено многупати играв жмурка со дедо ми во него. И, како што наскоро сфатив, гостинската спална беше, всушност, неговата соба. Непрепознатлива, а сепак удобна. Женава не беше скарана со вкус, но точно гледав каде не би се согласиле. Белото и зеленото на дедо ми беше заменето со кафеаво и беж, со досадни, непотребни детали. Неговата бања сега беше црвена со бело, апсолутно најлошиот избор за бои во бањата. А неговиот гардеробер Луј XVI беше криминално префарбан со вратите уште покриминално заменети.

girl-and-cat-black-and-white
prinsesamusang

– Еве, се надевам дека ќе ти биде удобно тука, се разведри таа.
– Ќе ми биде, фала ти, учтиво одговорив. Бев решена да се чувам од расправии и засега немаше потреба да има.
– Колку долго планираш да останеш? праша, трепкајќи. Зошто трепка толку глупо?
– Не знам, реков јас, а лицето ù мрдна неприродно. Ќе зборувам со татко ми. Конечно ми текна да го пуштам Памук од малиот кафез. Мачорот излезе, се истегна на килимот како што беше навикнат, со неговото сиво крзно целосно надвор од комбинацијата на кафеаво и беж околу него. Совршено ќе се вклопеше во мојата стара соба.
– Здраво, мило, се удривме нежно со челата. Долг патот, знам.
– А што е тоа? Беатрис конечно дозволи лицето да ù се извитка во гримаса.
– Тоа е мачор, реков јас, сфаќајќи дека Памук беше моја мала територијална победа. И тој ќе спие во собава.
– Јас сум алергична на мачки, пропелтечи, што беше чудно, затоа што не кивна, не се ни закашла во последните десет минути. – Па, добро, собава е поголема од мојот последен стан, реков јас. Нека живее во собава, не би сакале да ти создаваме непријатности.
Тргна да кажува уште нешто, веројатно пак за мачката, но еден познат глас се слушна од фоајето.

– Беатрис, тука си?

Колку беше фино да се слушне пак неговиот глас. Беатрис веќе стоеше на врвот на скалите и го поздрави.
– И не сум сама, извика среќно, спремајќи се да ме најави. Имаш изненадување тука.
– Само немој да ми кажеш дека татко ми е жив, ако нејќеш да живееш во еднособен стан, го слушнав пак, заедно со тешките чекори по скалите. Дојде до вратата и застана кога ме виде. Косата му беше малку побелена, беше малку здебелен, но насмевката му беше целосно иста, како и огромната фигура што едвај ја собираше низ вратата.
– Ќерка ти е тука. Донесе и мачка! рече Беатрис со лажен ентузијазам.
– Гледам! Дојди, мила! татко ми беше воодушевен и побрза да ме гушне. Веќе не ми беше гајле што мислеше Беатрис или дали сè уште е во истата соба. Сè што ми беше на памет беше како сум успеала да не се видам со татко ми цели две години, кога неговото присуство беше толку дома.
– Да те видам, ми ги покри образите. Боже, како може да си толку поубава од последниот пат кога те видов. Колку личиш на мајка ти, рече, гушкајќи ме пак. Беатрис мрдна. А кој е ова? го погледна Памук, кој се доближи да му ги душне кондурите.
– Тоа е Памук. Дојдовме да бараме азил тука, додека да одлучиме што сакаме да правиме во животот, може?
– Па, ако ù треба на мачката простор за размислување… се пошегува татко ми. Изгледа имаме многу муабет за правење. Секако дека може, љубов. Се насмевна и пак ме гушна. Извини за собата. Сакаш да ја преправиме оваа? Отиде до Беатрис и ја стави раката на нејзините рамена. Се надевав дека јас ќе ве запознаам, ама сте завршиле работа. Како што знаеш, ова е Беатрис, ќе се венчаме на крајот на месецов.
– Честитам, Беатрис, реков јас.
– Неверојатен дизајнер е, но сигурно веќе ти е јасно, се пофали тој, а јас скришно фрлив поглед во бањата. И таа ме виде.
– Не ми се верува дека сум во иста соба со двете најомилени личности! рече татко ми. Мораме да одиме некаде на ручек, да ми раскажеш што те донело овде.

Беатрис, која беше тивка до последниот момент, одеднаш реши да се вклучи.
– А не, мил, јас имам состанок за ручек, нели ти кажав? Но, вие секако одете, не сте се виделе цела вечност! беше некако фина одеднаш. Имате многу да надополните, а јас… Леле, го погледна часовникот, изгубив осет за време! Анаис, чувствувај се како дома, па ќе имаме време да поразговараме подоцна, се надевам. И со тоа ја напушти мојата нова соба.

– Па, добро, мила, тогаш сме само јас и ти. Како порано кога ти давав да не одиш во школо, се насмевна татко ми.
– Опасна жена си нашол, тато, му намигнав.
– Нели, рече воодушевено. А не е ни студентка, замисли!
– Тоа најмногу ми се допаѓа кај неа.
– Добро, добро, сфаќам, се прават грешки, де. Едната грешка си го прибра и приземјето во Монпарнас, воздивна. Овој пат е многу различно. Заборавив колку е добро да имаш зрела личност покрај себе. Може да е тешка на почеток, ама дај ù шанса. Ме прави многу среќен.
– Тогаш, мило ми е, реков јас. И на Памуче му е мило. И многу сме гладни.
– Да му кажеме на Морис да оди да му купи нешто, откако ќе нè однесе нас на ручек, предложи татко ми.
– И тој е тука?
– А кај да биде, бе, дете?

Морис работеше за дедо ми од осумнаесетгодишна возраст, кога дедо ми имал триесет и шест. Му бил батлер, шофер, асистент, човек од доверба и најдобар пријател, како што се покажа на крајот. И беше дел од семејството. Многупати кога преспивав кај баба ми и дедо ми, Морис ме враќаше назад во ателјето. И многупати, татко ми беше излезен, вратата беше оставена отклучена, па Морис седеше со мене додека не заспијам и додека не се врати татко ми дома.

Не беше некоја мистерија што ќе се случи со неговата работа откако умре дедо ми. Татко ми, единствениот наследник на сè што дедо ми создаваше цел живот, го задржа како возач и еве, повремен купувач.

А јас бев пак во Париз и можев пак да го видам.

Сè изгледа многу подобро по туш. Памук веќе беше распослан на нашиот нов кревет, па откако малку се нашминкав, облеков фармерки, црн топ и кратки чизми, се почувствував подготвена за долго сонуваната француска кујна.

Во фоајето, постар човек со сини очи, облечен во костум разговараше со татко ми. Очите му светнаа кога се затрчав накај него.

Ете ја! се развика Морис под снежнобелите мустаќи.

– Не ми се верува, не си остарел ни еден ден! го гушнав.
– А што си мислеше ти. И жени уште ме бркаат.
– Морис ќе нè носи да го јадеме најдоброто Magret de Canard што си го пробала во животот, рече татко ми.
– Моја идеја беше, се пофали Морис.
– Си запаметил дека сакам живо месо! пак го загушкав.

***

Морис сигурно беше одамна готов со шопингот на Памук, затоа што четири часа откако нарачавме, со татко ми сè уште седевме и пиевме вино во ресторанот. На Шанзелизе, со поглед на Триумфалната капија и со оброк каков што немав јадено многу долго време.

anigif_enhanced-buzz-26558-1375292756-37

– Колку е добро да јадеш нешто што нема име што ќе ти го преврти стомакот, реков јас.
– Како, бре, успеа да станеш наставничка? праша татко ми со неверување откако ме погледа неколку секунди.
– Истото ја прашав мама, се насмеав јас.
– Како е мајка ти? праша тој воздржано.
– Исто. Ќе заплачеше кога ù кажав дека си одам и од оваа работа.
– Само се секира.
– Знам. Ама не повеќе од мене. Што ако нема ништо на светов како за мене? прашав, со непријатно чувство во стомакот, истото што ме мачеше уште од денот кога ја напуштив и мојата прва работа.

– Ќе смислиш нешто, ме увери татко ми. Се сеќаваш како нонстоп си наоѓаше проектчиња кога живеевме во студиото на Монмартр?
– Сакам да го видам, ми текна. Може клучот?
– Ќе го побарам, рече тој. Не сум бил таму со месеци. Беатрис сака да го продадеме.
– Што? Не може!

Една работа беше да се преуредува мојата соба, не ни живеев таму, ама да го продаде ателјето? Заедно со мароканската тврдина? Не може.

tumblr_o8sb3sYSqL1uissn8o1_1280

page18image5536

– Знам, знам, мирно почна татко ми. Ама вели дека пазарот е добар, а навистина имаме многу простор…
– Немој! го прекинав. Не е дека не можеш да си го дозволиш.
– Се разбира дека не е, но Беатрис мисли дека ако го преуреди ќе го продаде до крајот на годинава…
– Тато, не.
– Ама, мила, не ми треба веќе.
– Е како, не сликаш веќе?
– Ајде да не бидеш драматична сега, сликам, ама имам посебна соба за тоа. И уште едно ателје. А сега некој тип нуди одлични пари за тоа и тоа е шанса што Беатрис мисли дека не смееме да ја пропуштиме.

Беатрис вака, Беатрис онака. Точно знаев што се случува. Тоа ателје беше последната врска што татко ми ја имаше со минатото, беше полно со видеокасети и гардероба од кога јас бев дете, а портретот на мајка ми веројатно сè уште висеше на западниот ѕид. Тоа беше негова идеја, затоа што западниот ѕид секогаш се капеше во сончева светлина, а тој секогаш велеше дека единственото осветлување достојно за лицето на мајка ми беше сонцето. Така беа вљубени до бесвест, ама дојдоа различности, па неодго– ворности комбинирани со одговорности и се одвљубија.
– Добро тогаш, сепак сакам да го видам, уште еднаш само, се расправав.
– Се разбира дека ќе го видиш. Немој да ми се лутиш, сега, рече и звучеше како еднаш кога се појави триесет и шест часа откако отиде кај некој пријател и јас седев сама во истото ателје.

од „Анаис од Монмартр”798_44_20_14__7__11_2017Untitled.jpgскоро парижанка

(ѕирни и таму, види може ќе ти фати око)

Инстаграм:

Processed with VSCO with b5 preset

One response to “Анаис од Монмартр, chapter two.”

Comment!

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s


%d bloggers like this: