Ја изнавозев колата нерегистрирана. Не приметив. Така најглупо, две недели се ашкав низ град (не дека богзнае какви дестинации извозев), а џандари многу ја сакаат. Многу мерак имаат да ме застанат и да ги пробуваме новите апарати за мерење алкохол, или да видат дали сум полнолетна (совозачот знае да ги извади рацете од отворен кров надвор) или (оправдано) кога ќе ме начекаат во петок навечер во Дебар маало да проверат дали сум пиела. Не сум, ама сум возела трет човек во Смарт и беа фини и ми објаснија дека тоа е многу глупо и неодговорно и сфатив и тоа е еден од ретките моменти кога системот си ја избркал работата како што треба и на еден глуп, неодговорен граѓанин му доделил памет.
А бидејќи не сум до толку идиот и нема свесно да ја возам колата нерегистрирана покрај се горенаведено, се спремив, ќе ја регистрирам. Го отворив кровот. Ги извадив шипките. Тоа обично го правам кога не е претопло или навечер. И фино е.
Истерав регистрација, добив гратис миење и тргнав да го затворам кровот.
Нејќе.
Ај од почеток.
Нејќе.
Од Александар Палас возам накај Козле (по прва помош за кровот) и го гледам дождот како се спушта по Водно. До семафори Алумина ме шлапнува по нос.
Сфаќам дека морам да ја сокријам, а гаража немам. Во очај се паркирам во Кам во Козле. Дремам љута.
Конечно престана да врне.
Тргам накај единствениот сервис за Смартови што го познавам и уз пат ми се јавуваат да ми кажат дека е преварант. Ми кажуваат друг. Одам кај друг што од прв поглед се гледа дека разбира.
Пијам кафе во кафич и населба каде што сум била четири пати во животот, а убава, не дека не. Ми се јавува мајсторот и вика, ова ќе трае до утре.
И такси.
А требаше само да ја регистрирам колата и да се вратам да работам, да пишувам, да склопувам полица за книги и главно да не ме врне дожд, ако ништо друго.
Ама ете.
Иначе, кровот е поправен сега.
Rant over.