Во Париз сега има неколку изложби што некако ми требаат во моментов, само што се трудам да го послушам разумот и на целото тоа „излези-влези” таму во 2017-та, некако да се фокусирам на некој друг град.
Пред да се вразумам, веќе тргнав да планирам, па ми текна. Можеби некој ќе го интересира мојот начин – и стварите што сум пропуштила да ги направам, па сум ги запамтила за друг пат, и стварите што секогаш ги правам.
Значи, вака одам јас.
Пред тргање:
Прво (од тие што ми било криво што не ми текнало на време, па сум поправила):
Читајте книга со дејствие во Париз. И ова ви важи за секој град што ќе го посетите во иднина, освен ако баш одредена книга не ве натерала на тоа. Било која книга што ќе ве пренесе таму ќе заврши работа, бирајте според тоа што ви лежи, без разлика дали е Хемингвеј или Ден Браун. Кога ја прочитав „Кодот на Да Винчи” бев во Скопје, со никаков Париз на повидок и ќе се убиев што не ми текнало да ги побарам тие детали на лице место.
Ама затоа, наредните неколку пати бев паметна. Пред едно идење ја читав „Сонцето повторно се раѓа”, а наредниот пат, уште во авион, а после и во метро меѓу станици, ја читав „Подвижна гозба” (A Moveable Feast, како е преведена на македонски?). И беше вонсериски појако. Значи, купете карти и изберете книга. Така агонијата на „кога ќе одам некогаш, ќе го видам тоа” престанува да биде агонија и се претвара во „прво таму ќе одам кога ќе стигнам”.
Второ, да не ве лаже ѓаволот дека во Париз мора со 15 куфери. Извадете си ја таа штетна идеја од глава, а ако веќе морате куфер, нека биде полупразен. Не е дека нема од таму што да се донесе. Најздраво би ви било да земете маици колку што имате денови во Париз, два пара фармерки и удобни кондури. НЕ нови. Не е убаво да пробувате таму кондури со крвави прсти. Има многу скали и многу пешки.
Бонус: најверојатно ќе идете со Визер, затоа што картите знаат да коштаат колку до Охрид. Ако е така, чекирајте заедничка голема торба со друштво и носете ја празна. Сигурно ќе ја наполните на враќање. Ако идете со друга компанија, што не е меѓуградски автобус со крила, тогаш гајле ви е.
Трето, гледајте да биде Airbnb. Хотелите се одлична работа, ама ако баш ви се ужива, гледајте да закачите некое автентично станче на фино место каде што ќе се чувствувате како дома. А такви – колку сакаш. Тука имам пишувано за еден фантастичен стан, од кој се пешачеше до Монмартр.
А детално на целата тема – тука.
Кога ќе стигнете:
Метрото во Париз е совршено, ако совршено го испланирате. Што значи, во никој случај не купувајте карти на секое влегување, затоа што ќе ве кошта ѓавол ипол. Прашајте за тридневни или петдневни карти, а најубаво би ви било да прашате за Навиго. Тоа е пластична картичка со ваши податоци, што се полни за неделни или месечни вожњи. Чини 5 евра, плус околу 22 евра од понеделник до недела да се возиш до бесвест колку сакаш, сосе Версај, сосе Дизниленд.
Само, уште еднаш: не трае една недела почнувајќи од кој било ден – трае од понеделник до недела. Што значи ако ја купите во среда, не трае до наредна среда туку пак – до недела. И пак ќе ви се исплати. Искористете го метрото до максимум.
Бонус: Важи во сите 5 зони, вклучувајќи го и лифтот кај Sacre Coeur, односно, Funiculaire de Montmartre Во случај да не ви се пентари по скали.
Таму:
Кога ќе ги штиклирате „сите работи што мораат да се видат”, ако ви остане време, излезете една вечер. Колку и да сте уморни. Седнете некаде, нарачајте пијачка и не правете ништо.
Ако ви се купува statement парче облека, освен големите брендови, разгледајте во дуќаните за танчерки околу Пигал. Еден прслук со нитни, на пример, ќе ви се најде за нешто. А таму има и ствари што никогаш не сте ги виделе, а сепак, некако ви требаат.
Не се плашете да идете пешки. Никнуваат неверојатни места за сликање кога ќе си дозволите да истражувате.
Проверете што изложби има додека сте таму. Во Musée des Arts Décoratifs еднаш начекав Барби изложба, со еден куп ретки кукли, додатоци, куќи, сувенири за купување и беше доживљај.
Обавезно поминете од Shakespeare & Co. И купете си книга, макар со последни пари. И нека ви удрат печатче во книжарата. Таму порано читал Хемингвеј, така што, задолжително е да се биде дел од целата таа прикаска. И не го гњавете мачето што живее на вториот спрат.
Едно кафе испијте во Конг.
Ако сте по хорори, никако не го пропуштајте Le Manoir de Paris, пострашно од сите „куќи на стравот” по забавни паркови, пострашно од Chamber of Horrors во Madame Tussauds, пострашно од The London Dungeon. Го откривме во списанието во авион, кога идевме еднаш со другарки. Детално (на англиски) овде.
И најобавезно, ако сакате современа уметност, да одите во 59 Rivoli. Зградата е полна со ателјеа на неверојатни уметници, некои од нив си ги имаат и направено мали музеи на нивните дела и скроз е да ти падне вилица до земја.
И се разбира, ова е само минијатурен дел од се што може да се прави таму. Гуглајте и направете си список од се што ќе ви фати око. Па колку ќе стигнете да видите – толку. Секогаш има следен пат.
Јана
Уште книги за Париз:
2 responses to “Како се оди во Париз”
[…] Прво, со Арс Ламина направивме прирачник и дневник за патување според постот „Како се оди во Париз”. […]
LikeLike
[…] via Како се оди во Париз — Jana Misho […]
LikeLike